Загрепската полиција приведе шест лица поради нарушување на јавниот ред и неовластена употреба на пиротехнички средства во пресрет и на почетокот на вечервашниот концерт на хрватскиот пејач кој ги величи усташите, Марко Перковиќ Томпсон, на стадионот во Запрешиќ, соопшти Полициската управа во Загреб.

На прашањето за евентуална акција поради пеење усташки песни и прикажување усташки симболи, полицијата изјави дека настанот се снима и дека целиот собран материјал ќе биде анализиран подоцна, пренесува Хина.
Портпаролката на Полициската управа, Марија Гоати, изјави дека е „прерано да се извлекуваат заклучоци“ додека не се заврши постапката и не се утврдат евентуални прекршоци.
Според некои проценки, на концертот присуствуваат околу 30.000 луѓе.
Концертот се одржува во пресрет на годишнината од настапот на Томпсон на Загрепскиот хиподром, за кој организаторите велат дека минатата година привлекол повеќе од 500.000 посетители.




