Координаторите на пратеничките групи денеска во нов обид да ги испеглаат разликите околу Изборниот законик и да стигнат да го донесат до рокот што го постави Европската унија за Реформската агенда.
Власта бара електронско гласање или гласање преку пошта на дијаспората, нешто со што не се согласува опозицијата која во ваквиот начин на гласање гледа можност за изборни манипулации.

Првиот човек на македонското Собрание Африм Гаши се согласува со предлогот за електронско гласање на дијаспората, но притоа државата да обезбеди тајност на гласањето.
– Принципиелно јас сум за електронско гласање на дијаспората, и дури сум тоа да се овозможи и во земјава. Со овозможување електронско гласање на дијаспората ќе го постигнеме начелото дека секој граѓанин да има право на глас, но доколку државата е подготвена да обезбеди тајност на гласањето. Мора да се има добра волја и разбирање бидејќи за овој закон потребен е консензус од партиите и не е добро да се останува во ровови или во исцртување црвени линии, изјави вчера Гаши.
Од друга страна, и вчера партиите се препукуваа за Изборниот законик.
Од СДСМ изјавија дека премиерот и ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да се откажат од манипулациите за над 200 илјади гласови од дијаспората.
– Опасно и загрижувачки е тоа што ВМРО категорично одбива ДИК, со консензус, да ги регулира процедурите за гласањето на дијаспората. Од што се плаши власта? Ако навистина нивната цел е фер и демократски изборен процес, тогаш зошто бегаат од механизам што обезбедува контрола, доверба и согласност меѓу сите политички чинители? Но, вистината е дека нивната цел не е подобар изборен процес, туку отворање простор за изборен инженеринг и манипулација, изјави вчера Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.




