Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека добрососедските односи и меѓусебната почит се основа на функционирањето на НАТО, коментирајќи ги најавите дека САД би можеле повторно да ѝ дозволат на Турција да набавува борбени авиони Ф-35.

Говорејќи на самитот на НАТО во Анкара, Мицотакис не ги коментираше директно изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, но нагласи дека сите одлуки во рамките на Алијансата треба да ги земат предвид интересите и чувствителностите на сите земји членки.
„Една алијанса мора да се темели на основниот принцип на добрососедски односи. Споровите меѓу сојузниците треба да се решаваат преку дијалог и соработка“, изјави Мицотакис.
Тој повторно ја обвини Турција дека и понатаму упатува закани кон Грција поради можноста Атина да го искористи своето право да ги прошири територијалните води.
Грчкиот премиер оцени дека НАТО е одбранбен сојуз и изрази уверување дека отворените прашања меѓу сојузниците можат да се решат во духот на соработката.
Осврнувајќи се на одбранбените политики, Мицотакис истакна дека Грција веќе ја исполнува целта за издвојување 3,5 проценти од БДП за одбрана и реализира програма за модернизација на вооружените сили вредна 25 милијарди евра.
Тој повтори дека ја поддржува идејата за посилна европска одбрана, нагласувајќи дека европската стратешка автономија треба да биде дополнување, а не алтернатива на НАТО.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток, Мицотакис изрази надеж дека примирјето меѓу САД и Иран ќе се одржи и повика да ѝ се даде шанса на дипломатијата.
„Многу е важно да се остави простор за дипломатијата да го реши ова чувствително прашање. Ново влошување на состојбата би можело да доведе до дополнителен раст на цените на нафтата, што би ги погодило европските економии“, изјави грчкиот премиер.




