Уставниот суд денеска на седница ќе ја разгледа иницијативата на политичката партија „Левица“ за оценување на уставноста на делови од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање.
Од „Левица“ оценуваат дека денешната седница ќе биде тест дали институцијата што треба да биде последниот чувар на Уставот ќе го заштити принципот на еднаквост или ќе го легализира единствениот случај на институционализирана политичка цензура во поновата македонска демократија.

– Одлуката што ќе ја донесе Уставниот суд ќе покаже дали оваа институција воопшто ја врши својата функција или ќе стане последната алка во легализирањето на партиски конструирана нееднаквост. Доколку Судот ја аминува оваа одредба, ќе испрати порака дека Уставот завршува таму каде што започнува интересот на ДПМНЕ и трулиот бипартизам. Со таква одлука, Уставниот суд ќе биде инструмент за цементирање на партиските канџи врз изборниот процес и политичкиот плурализам, велат од Левица.
Според нив, загрижува тоа што, како што посочуваат, со месеци иницијативата на Левица била држена во фиока, а предметот доаѓа на дневен ред кога е извесно дека власта сака да го задржи истиот изборен модел.




