Се следи состојбата со цените на горивата, ќе видиме како ќе се одвива – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој напомена дека економските мерки остануваат на располагање, но не кажа дали ќе се активираат.
Како што истакна Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања, Македонија има убедливо најниска цена на горивата и успеа во јуни да има најниско ниво на инфлација од сите држави во регионот.
– Живееме во прилично предизвикувачо време, имаме две сериозни војни. Според последните информации, војната во Залиот повторно се разгорува. За нас е предизвик да имаме навремено и доволно снабдување на граѓаните и бизнисот со енергенти. Обезбедуваме и за луѓе од соседството, кои купуваат гориво тука. Статситички, имаме убедливо најниска цена на горивата, бензините и дизелот, кои се берзански производи и не зависат од претприемачката логика или од политиката на Владата. Сите од иста берза купуваме, но процесот е како го менаџираме од тој момент, додека го користат граѓаните, Тој сеир ќе им го оставам на оние што уште живеат во политчкото мочуриште, како опозицијата и одделни структури кои во Битола се обидуваат од публика да креираат јавно мислење и кои, кога може да направат нешто, не само што ништо не прават туку и уназадуваат. Тие секогаш ќе останат маргиналци – потенцира Мицкоски.
Според него, инфлацијата е еден од сегментите што се случуваат во вакви предизвикувачки времиња.
Мицкоски, кој беше во посета на фабриката „Кромберг и Шуберт“ и на увид во градежните активности за реконструкција на новата училишна зграда на ООУ „Коле Канински“ во Битола, информира и дека автопатот Прилеп – Битола забрзано се гради. Тој очекува многу бргу и реализација на експресното повзрување на Битола со граничниот премин Меџитлија, со што, како што нагласи, максимално ќе се забрза движењето и ќе се растовари градот од метежот.




