Итните служби интервенирале веднаш по слетувањето, а пожарникарите го обезбедиле подрачјето и го изгаснале пожарот на авионот. Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека пилотот е спасен

Борбен авион Ф-16 на НАТО принудно слета на грчкиот туристички остров Закинтос откако се запали за време на летот. Воениот авион полетал од воздухопловната база „Араксос“, а според пишувањето на Си-ен-ен Грција, за време на летот избувнал пожар поради кој пилотот морал да го пренасочи летот и итно да слета на островот.
Итните служби интервенирале веднаш по слетувањето, а пожарникарите го обезбедиле подрачјето и го изгаснале пожарот на авионот. Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека пилотот е спасен, безбеден и во добра здравствена состојба.
Размерите на штетата сè уште се проценуваат, а според првичните информации, можно е авионот да имал проблем со делот за слетување, но тоа засега не е официјално потврдено. Според информациите од Генералштабот на грчкото воено воздухопловство, авионот учествувал во тренажна мисија над поширокото подрачје на Јонското Море кога бил пренасочен кон аеродромот.
Принудното слетување предизвика прекини во сообраќајот на еден од најфреквентните грчки туристички аеродроми. Пистата е привремено затворена, а дел од летовите се откажани, односно пренасочени кон други грчки аеродроми. Грчкото воено воздухопловство ја истражува причината за инцидентот.




