дома Култура „Скопско лето“ продолжува со проекција на „Хај Фај“, мултимедијалниот перформанс „Културна кауза“...

„Скопско лето“ продолжува со проекција на „Хај Фај“, мултимедијалниот перформанс „Културна кауза“ и концерт на ФЕЈМС Институтот

  Филмска проекција, мултимедијален музичко-поетски перформанс и камерен концерт се на програмата на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“ претстојниов викенд, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

„Скопско лето“ продолжува со проекција на „Хај Фај“, мултимедијалниот перформанс „Културна кауза“ и концерт на ФЕЈМС ИнститутотВо рамки на програмата „Кинотека на Скопско лето“, денеска со почеток во 20:15 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан филмот „Хај Фај“ во режија на Владимир Блажевски.

Во 20:30 часот во Музејот на град Скопје, ќе се одржи мултимедијалниот музичко-поетски перформанс „Културна кауза“, проект на македонскиот музичар и продуцент Никола Стојковски (ФИН Проект) и неговите соработници. Во изведбата учествуваат актерите Арна Шијак и Игор Трпчески, пијанистката Билјана Петровска и вокалната интерпретаторка Орхидеја Дукова.

Публиката ќе има можност премиерно да го проследи проектот „Смирна“, дело во кое духовноста е централниот мотив. Авторската музика на Стојковски и Петровска е надополнета со вокални изведби и рецитирање поезија од истакнати македонски автори и современи поети.

Во недела, 12 јули, со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, ќе се одржи камерниот концерт „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“, во организација на ФЕЈМС Институтот.

Концертот е дел од јулската концертна серија на ФЕЈМС и ќе се реализира под водство на виолинистот Веско Ешкенази, концертмајстор на Кралскиот оркестар Концертгебау во Амстердам, и бандонеонистот Стојан Караиванов, првиот бугарски музичар кој свири на класичен аргентински бандонеонски систем. На сцената ќе настапи и пијанистката Викторија Бојанова.

Програмата опфаќа дела од Моцарт и Менделсон, како и композиции од Астор Пјацола, при што преку спојот на класичната музика, тангото и филмската музика се истражуваат врските меѓу традицијата и современиот музички израз.

Концертот воедно претставува завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во чија рамка млади професионални музичари од повеќе европски земји, под менторство на Ешкенази и Караиванов, работат на избраниот репертоар и стекнуваат практично искуство за настап на професионална сцена.

ПредходнаОрганизиран криминал ја проширува истрагата за ботоксите
СледнаСо врачување на наградата „Мето Јовановски” на лауреатот Тони Наумовски отворено петтото издание на фестивалот