дома Култура Со врачување на наградата „Мето Јовановски” на лауреатот Тони Наумовски отворено петтото...

Со врачување на наградата „Мето Јовановски” на лауреатот Тони Наумовски отворено петтото издание на фестивалот

 

Филмот, уметноста на филмот, актерот и уметноста на актерството на филмот, е онаа состојка која подвижните слики од информација ги трансформирала во приказна со која се идентификуваат сите луѓе на овој свет, без разлика на кој јазик зборуваат, од каде доаѓаат, колку се образовани или на која култура припаѓаат, само затоа што лицето на актерот зборува на единствениот и според се, за сите и насекаде разбирлив јазик на човечкото присуство и неговите емоции. Затоа, Советот на фестивалот „Преку езерото” доделува единствена награда за високо актерско остварување- „Мето Јовановски” која вечерва му беше врачена на актерот Тони Наумовски.

-Тони Наумовски е единствениот македонски актер, но и еден од малкумината балканци кои во Њујорк имаат своја кариера во театар, на филм и телевизија. За оние наши колеги актери, кои имаат неотуѓива актерска работа во државни театари, тука во татковината, тоа што актерот го живее таму, во рајскиот голем град, не може да се раскаже, треба да се одживее, да се преживее и да се живее, секој ден, секоја секунда и секој здив со кој се дише животот и прима духот на слободата за да се прави тоа што се мечтае со отворени очи. Или да се одигра на филм, рече вечерва Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото”.

Тони Наумовски е актер, истакна Бојаџи, кој во уметноста на филмот е почеток и крајот на патувањето кое сакаме никогаш да не заврши.

-Тони Наумовски е актер кој е едноставната потврда на едноставниот актерски и човечки свет во кој соништата се остваруваат. Бескрајно му благодариме за сите овие соништа и за сите патишта на сите актери во светот на уметноста на филмот. Добро дојде дома. Добродојде во светот на вљубениците на сликите што се движат преку океаанот, преку морето и на крајот и преку езерото, рече Бојаџи.

Многубројната публика во Амфитеатарот во Дојран со силен аплауз го поздрави лауреатот, а Наумовски рече дека се чувствува благословено и среќно што може да служи на она што го сака, односно на уметноста.

Наградата на Наумовски му ја врачи градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, кој им посака добредојде на присутните и го прогласи фестивалот за отворен.

-Особена чест и задоволство ми е што оваа година го одбележуваме петтото издание на фестивалот. Она што пред неколку години започна како визија и посветеност, денес е препознатлив културен настан кој ги поврзува балканските и медитеранските кинематографии и создава простор за филмска размена, културен дијалог и нови соработкирече во своето обраќање Мими Ѓоргоска Илиевска, претседателка на Советот на фестивалот.

-За мене посебно значење има фактот што годинава „Преку езерото” за првпат се одржува во три града – Дојран, Струмица и Гевгелија. Со тоа фестивалот ја проширува својата мисија и преку моќта на подвижните слики ја доближува магијата на седмата уметност до пошироката публика, создавајќи нови можности за средби, инспирација и културна размена.

Филмот е универзален јазик кој ги надминува границите и ги поврзува луѓето преку приказни, емоции и различни перспективи. Токму во тоа е вредноста на фестивалот „Преку езерото” – да создава средба меѓу различни култури, автори и кинематографии и да потсетува дека уметноста има моќ да нè приближува, истакна Ѓоргоска Илиевска и упати благодарност до целиот организациски тим, институциите, партнерите, поддржувачите и сите кои со својата работа и посветеност придонесуваат фестивалот од година во година да се развива и да ја потврдува својата вредност.

Публиката го погледна краткиот филм „Вошки”, поддржан од работилницата за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм „Нови бранови” и се запозна со режисерката Розе Симоновска и останатите членови од екипата на филмот, а потоа следуваше проекција на „Држи се за мене” од официјалната селекција и концерт на групата „Пеперминт”.

 

Предходна„Скопско лето“ продолжува со проекција на „Хај Фај“, мултимедијалниот перформанс „Културна кауза“ и концерт на ФЕЈМС Институтот
СледнаСтрелец, подгответе се за неочекувана средба и нова летна романса