Центарот за управување со кризи информира за спасување на странски државјанин од Романија кој се изгубил на Матка во близина на пештерата Врело.
Повикот за помош е примен синоќа во 21:55 часот на Единствениот повикувачки број за итни случаи.

Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеале да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање.
Од страна на МВР – ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК, била организирана теренска потрага, а поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до местото се упатила преку Националниот парк Јасен.
Во 03:45 часот лицето беше успешно пронајдено. Иако било видно испаничено и дезориентирано, било во стабилна здравствена состојба. По пронаоѓањето, било пренесено во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин.



