Нов случај на врсничко насилство, овојпат во Куманово. „Слободен печат“ денеска пишува за нов случај поткрепен со видео каде се гледа како девојче е брутално удирано и кубено од други девојчиња.
Претходно видеото е објавено од серијалот „Без цензура“ на новинарката Лиридона Вејсели.
Станува збор за настан кој, според информации на Слободен печат, се случил пред еден месец, а во полициска станица Куманово имало обид да биде пријавен вчера, но девојчето што е жртва, дури денеска е примено на разговор во полиција.
Иницијално, овој напад е објавен на социјалната мрежа „снепчет“ со опис „кога ќе ме пцуеш, ќе јадеш и ќотек“.
Од МВР за „Слободен печат“ информираат дека СВР Куманово во координација со ОЈО Куманово презема мерки и активности за расчистување на случајот.
Ова е вторпат месецов да бидат обелоденети вакви немили сцени каде малолетнички се тепани и малтретирани од врснички.
Во скопската населба Аеродром, жртва беше девојче кое беше натерано да клекне на коленици и да се извинува, а настанот беше снимен од повеќемина други малолетници.




