Со гала концертот на оперската дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од САД, во придружба на Оркестарот на Македонската опера под диригентска управа на маестро Марко Боеми од Италија вечерва е отворено годинашното 66. „Охридско лето“.
Пред полнетиот аудиториум на Античкиот театар на отворањето се обрати покровителот на Фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја истакна моќта на уметноста да ги надминува поделбите, конфликтите, границите…
– Фестивалот „Охридско лето“ повеќе од шест децении претставува симбол на врвната уметност, културниот дијалог и духовното поврзување меѓу народите. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, рече таа.
Претседателката нагласи дека Охрид, со своето историско и природно наследство, е идеална сцена за манифестација од светски ранг, посочувајќи дека градот и Охридското Езеро со векови се сведоци на средби меѓу различни цивилизации, култури и јазици.
– За разлика од политиката којашто е далеку од уметност на можното, музиката и театарот, односно културата, остануваат креатори на неможното…истакна Сиљановска Давкова порачувајќи дека во време на поделби, конфликти и неизвесност, културата останува простор што создава надеж, разбирање и поврзување.
Во име на уметниците кои настапуваат на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата обраќање имаше оперскиот пејач Игор Дурловски, кој ја посочи силата на уметноста да го менува човекот, неговата перцепција, чувствителност и начинот на кој го разбира светот…
Публиката во текот на 40-те фестивалски дена што следуваат ќе има можност да проследи богата и разновидна програма составена од врвни музички, драмски и балетски остварувања, бројни концерти на реномирани солисти и ансамбли од Европа и светот, како и премиери на театарски претстави од домашни и странски продукции. Фестивалот оваа година содржи вкупно 48 настани, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот, што дополнително ја потврдува неговата меѓународната димензија и позиција на светската културната мапа.
На фестивалските сцени низ Охрид ќе продефилираат светски афирмирани уметници како пијанистот Александер Мелников, виолинистот Стефан Миленковиќ, пијанистката Исата Кане-Мејсон, како и истакнатиот пијанист Вадим Холоденко. Фестивалската публика ќе има можност да ужива и во настапите на бројни камерни ансамбли и оркестри од Европа и светот, како и престижната регионална Загребска филхармонија под диригентската палка на Давид Рунц, која доаѓа во полн состав со 70 изведувачи на сцена.
За првпат, фестивалот ќе биде домаќин на два интернационални симфониски оркестри, меѓу кои и кинескиот симфониски оркестар „Нингбо“, препознатлив по своите динамични настапи и уметничка впечатливост.
Драмската програма и оваа година зазема значајно место во фестивалската понуда. Публиката ќе има можност да проследи повеќе премиерни и гостински театарски продукции, меѓу кои премиерата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер во режија на Иван Поповски, претставата „Кориолајн“ од Вилијам Шекспир во режија на Џон Блондел, како и „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Дејан Пројковски, еден од најочекуваните театарски настани што премиерно ќе биде изведен на Свеченото затворање на фестивалот.
На барање на публиката, по успешната џез-вечер минатата година, на сцената на Долни Сарај ќе се реализира програмата „OH JAZZ“ (Охрид џез), во чии рамки се предвидени четири спектакуларни џез-вечери со учество на врвни домашни и странски музичари, меѓу кои светската џез-ѕвезда Нубаја Гарсија, резидент артистот Петер Сомуа, како и настапот на Националниот џез оркестар на Македонија.
Во рамките на програмата ќе се одржат и значајни јубилејни настани, меѓу кои и одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ, со промоција на монографија посветена на нејзиниот лик и дело.
Фестивалот ќе ги отвори своите сцени и за младите уметници, преку програмите „Rising stars“ и „Подиум на млади“, со што продолжува поддршката на новите генерации таленти и нивниот уметнички развој.




