дома Македонија Црна хроника Оjбјавено обвинението против екс директорот Мирчевски

Оjбјавено обвинението против екс директорот Мирчевски

Злоупотреба на службена должност и фалсификување на службена исправа се двете кривични дела за кои Обвинителството го обвинува поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски. Според обвинителниот предлог Мирчевски во периодот од 2021 до 2024 година го злоупотребил службеното својство како директор, за себе и за повеќемина вработени во СОЗР потпишувал решенија и патни налози.

Тој за своите приватни потреби и без да постои основ го користел владиниот авион Лирџет 60, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи. Обвинителите утврдиле дека за хотелски и угостителски услуги обвинетиот неосновано трошел пари од службената картичка во вредност од речиси 50 илјади евра.

„ Во периодот од 27.10.2023 до 14.06.2024 година тој не ја извршил својата службена должност со намера да прибави имотна корист за друг, односно за пилотот вработен во СОЗР. Иако лично присуствувал на состанокот „Flight Safety Atlanta“ и бил информиран дека пилотот и со дополнителните обуки нема да ги исполни прифатливите стандарди потребни за летање со Лирџет 60, тој не го задолжил пилотот согласно Договорот за вработување да ги надомести трошоците за обуката и не го известил надлежниот сектор за да му го прекине работниот однос“, се вели во соопштението на Обвинителство.

Во него се додава дека пилотот продолжил да зема плата за работно место капетан-водач на воздухоплов, а со оваа злоупотреба на службената положба обвинетиот предизвикал штета на Буџетот од 88 илјади евра. За овој случај зборуваше неодамна и актуелниот директор на СОЗР Ивица Томоски кој објасни дека шефот нема лиценца, ама помошникот авио-диспечер во владината служба морал да има и да го учи надредениот. Тој истакна дека оправдувањето било оти итно им требал човек во авио службата, а полесно е да се вработи нов без лиценца, отколку да се унапреди вработениот кој веќе има лиценца.

Тогаш директорот ја префрли вината врз претходното раководство на СОЗР.

„Јас кога дојдов бев принуден да го потпишам тој договор, бидејќи во тој договор имаше казнени поени кон институцијата, институцијата платила соодветна обука за тој диспечер, таа личност, и јас единствена опција што ја имав е потпишување на понатамошен договор“, рече Томовски, директор на СОЗР на 9 февруари годинава.

Во однос на кривичното дело – фалсификување на службена исправа, Мирчевски го сторил со измена на податоци во тендерска постапка. Станува збор за изнајмување на возила за превоз на делегации и за транспорт на цивилно население од Исламската Република Авганистан во земјава.

„Сите договори биле склучени со иста рент-а-кар фирма од Скопје, а во службените исправи – изјави за непостоење на судир на интереси, обвинетиот внел невистинити податоци дека нема приватен интерес при реализација на јавната набавка или каква било материјална или нематеријална корист. Наспроти ова, почнувајќи од периодот пред склучување на јавната набавка, за време и по престанокот на неговиот мандат, тој и неговата сопруга користеле возила без надомест од истата фирма за патувања во земјава и во странство“, се вели во соопштенито.

Во овој дел истрага беше поведена и против сопственикот на правното лице за кривично дело – Давање поткуп од член 358 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

„Но, од доказите прибавени во истражната постапка јавниот обвинител не утврди дека кај него постоела умисла да издејствува поволност при одлучувањето во конкретните тендери преку давање возила без надомест на сега обвинетиот. Од тие причини јавниот обвинител за ова лице донесе Наредба за запирање на истражната постапка“, соопшти Обвинителството.

ПредходнаДемократите во Сенатот го блокираат годишниот закон за одбрана во знак на протест против војната во Иран
СледнаОсуденици под полициски надзор ќе ги чистат магистралните и регионалните патишта низ Македонија