Одлуката ја објави вчера косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, кој потврди дека ја потпишал и ја проследил до надлежните органи.
Трајна забрана за влез
Свечла рече дека со својата реторика, српската министерка го покажала „континуитетот на државната политика која со децении произведувала насилство, злосторства и обиди за искоренување на Албанците од нивните домови“.
„Како министер за внатрешни работи на Косово, денес донесов одлука со која ја прогласив Снежана Пауновиќ за непожелна личност, со трајна забрана за влез или премин низ Република Косово. Времето кога Албанците беа угнетувани, масакрирани и етнички чистени е поминато засекогаш“, напиша Свечла на социјалните мрежи.
Тој додаде дека Република Косово е суверена и демократска држава со силни институции кои го штитат уставниот поредок, територијалниот интегритет и безбедноста на сите граѓани. „Секој обид за оживување на идеологиите за етничко чистење или закани за Република Косово ќе наиде на цврст, правен и институционален одговор“, рече тој.
Оспорена изјава
„Да бев на местото на Милошевиќ во 1998 година, етнички ќе го исчистев Косово. И тоа е најсуровата квалификација што некогаш сум ја изговорил. Не на начин на кој сакаат да нè ликвидираат, туку на таков начин што нема да се чувствуваат како дел од Србија и да си одат во својата матична земја“, рече Пауновиќ во телевизиско интервју за една белградска станица.
Пауновиќ: Тоа беше само анализа
По бројни реакции, Пауновиќ објави соопштение во кое тврди дека против неа се води пропаганда. Таа изјави дека само спровела „анализа“, но остана на ставот што го изрази во контроверзната изјава.
Слободан Милошевиќ, кој ја водеше Србија за време на косовскиот конфликт, почина во притвор во Хаг во 2006 година. Тој беше суден во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија по обвиненија што вклучуваа геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.




