Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на американскиот државен секретар Марко Рубио, денеска и утре ќе престојува во дводневна работна посета на Вашингтон, каде што ќе учествува на министерска конференција посветена на заканите од политичкиот тероризам.
Состанокот, како што соопшти МНРиНТ, ќе обедини високи претставници од повеќе од шеесет држави, со цел унапредување на меѓународната соработка и зајакнување на институционалната подготвеност за справување со современите форми на политички мотивирано насилство и тероризам.
Во фокусот на разговорите ќе бидат транснационалниот карактер на политичкиот тероризам, радикализацијата во дигиталната ера, како и потребата од зајакната меѓународна координација во превенцијата и раното препознавање на заканите.




