дома Македонија Политика SP: Извештај на ЕК за владеење на правото, неказнивоста или за...

SP: Извештај на ЕК за владеење на правото, неказнивоста или за мешањето и притисокот врз судството

Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за „чистење“ на судиите и на обвинителите, како и дека трпението е при крај и ќе ги стигне правдата, се најдоа во најновиот извештај на Европската комисија за владеење на правото во Македонија.

 

 

Освен мешањето и притисокот од извршната врз судската власт во извештајот се најдоа и малкуте пари што се издвојуваат за правосудството, постапката за разрешување на Обвинителот и привремените измени на Кривичниот законик.

– Мешањето и притисокот од други државни гранки продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост за почитувањето на судската независност. Избрани функционери и владини претставници ја засилија личната критика кон судиите и обвинителите, обвинувајќи ги за корупција, а од највисоко ниво на Владата беа дадени изјави за планови за „чистење“ на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта. Дополнително, судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок преку јавни кампањи за дискредитација, и онлајн и преку медиумите, во кои се вклучени високи извршни функционери и политичари. Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии заеднички издадоа јавна изјава со загриженост за постојаните, неосновани критики кон судството, кои според нив ја поткопуваат судската независност и ги нарушуваат демократските принципи на поделба на власта – се вели во извештајот.

 

Во текстот на Извештајот што го објави Европската комисија се нотира и буџетската зависност, пренесува Слободен печат.

– Независноста на судството и автономијата на обвинителството се поткопани и од недоволните буџетски средства. Буџетите на судството и јавното обвинителство остануваат под законскиот минимум, а намалувањето од 4,3 проценти во 2025 година дополнително ја влоши состојбата. Дополнително, судовите и обвинителствата и понатаму мора да добијат формално одобрение од Министерството за финансии за внатрешни буџетски распределби, какви што се ресурси и вработувања, што значи дека немаат вистинска буџетска автономија – се вели во извештајот во делот на независноста на судството.

Постапката за разрешување поднесена против главниот јавен обвинител открила ризик од политизација и слабости во правилата за разрешување, и на крај доведе до неговата оставка, се додава во извештајот, односно тоа што продолжи постапката за разрешување на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски и покрај негативното мислење на Советот на јавни обвинители.

– На 16 декември, главниот јавен обвинител јавно поднесе оставка, пред собраниската седница на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување, врз основа на наводи дека му наштетил на угледот на судството. Советот на јавни обвинители го повтори своето негативно мислење за предлогот за разрешување. Засегнатите страни оценија дека постапката за разрешување создава негативен преседан, со потенцијално значајни последици врз автономијата на Јавното обвинителство, отворајќи сериозни прашања за владеењето на правото, конзистентноста на институционалните процедури, како и укажувајќи на недостиг од јасност за фактичката и правната основа за разрешувањето. Нов главен јавен обвинител, кој ги исполнува законските критериуми, беше избран на 18 март, пред планираното донесување на нов Закон за Јавното обвинителство – се вели во извештајот.

Измените на Кривичниот законик од 2023 година оставиле последици врз борбата против корупцијата, бидејќи довеле до запирање или слабеење на дел од предметите, особено оние со високи функционери. Новите измени се оценети како привремено решение, но ЕК предупредува дека и понатаму постојат празнини што можат да создадат простор за неказнивост.

– Донесени се измени на Кривичниот законик, но тие имаат неколку недостатоци во споредба со претходната правна рамка, додека се подготвува сеопфатна реформа. На 28 јануари 2026 година, Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик. Како резултат на тоа, Уставниот суд ја запре иницијативата за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година. Усвоените измени се замислени како привремено решение, додека Министерството за правда паралелно подготвува целосно нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка. Клучните аспекти на новите измени се однесуваат на кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злосторничко здружување“, со цел да се надминат негативните последици од измените донесени во септември 2023 година. Засегнатите страни укажуваат дека, во споредба со претходната правна рамка, измените го ограничуваат применувањето на кривичното дело злоупотреба на службената положба само на одредени ситуации кои во пракса се исклучително ретки. Тоа доведува до декриминализација на други облици на злоупотреба и создава правна несигурност. Дополнително, во споредба со верзијата на Кривичниот законик пред 2023 година, максималните казни за потешките облици на ова кривично дело се намалени. Тоа, пак, ги скратува роковите за застареност и остава помалку време за истрага и гонење на сложени корупциски случаи – пишува во извештајот.

И покрај неодамнешните напори за истрага и гонење на корупцијата, одложувањата во судските постапки, ретките правосилни пресуди и ограничените ресурси и понатаму го попречуваат создавањето силен биланс во случаите на високопрофилна корупција. Во извештајот како и секоја година се повторува дека „случаите на висок профил на корупција ретко завршуваат со правосилни пресуди, што дополнително го засилува чувството на неказнивост“.

ПредходнаИмпровизираниот бакнеж со кој Пенелопе Круз ја шокираше Оливија Вајлд во „„The Invite““
СледнаДесет години поврзување со татковината: Заврши овогодинешната програма „Родум од Македонија“ 2026