дома Свет Њујорк: Поранешен американски војник предизвика експлозија пред седиштето на ФБИ и канцеларијата...

Њујорк: Поранешен американски војник предизвика експлозија пред седиштето на ФБИ и канцеларијата на ICE

  Мажот e уапсен откако утрово детонираше запалива направа пред зградата на Федералното истражно биро (ФБИ) на Менхетен, во која се наоѓа и канцеларијата на американската Служба за имиграција и царина (ICE), е идентификуван како поранешен член на Армијата на Соединетите Американски Држави, Ендру Арабака, објави ФБИ.


Помошникот-директор на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, Џејмс Барнакл, изјави дека 43-годишниот Арабака, поранешен воен механичар одговорен за одржување на ракетните системи „Патриот“, е приведен и испрашуван, додека во моментов не се поднесени обвиненија против него, објави АП.
Барнакл рече дека осомничениот „дошол со намера да повреди и загрози луѓе“.
Според ФБИ, Арабака бил совладан од обезбедување веднаш откако избувнал пожарот пред зградата.
Барнакл рече дека осомничениот бил вооружен со разни оружја, вклучувајќи воздушна пушка, ножеви, секири, чекан и мачета.
Тој испукал помеѓу пет и седум куршуми од воздушна пушка кон зградата.
„Ова е антиамерикански, антивладин екстремист“, рече Барнакл.
Додаде дека Арабака имал количка со материјал против ICE и дека извикувал навреди кон агенцијата за време на апсењето.
Комесарот на полицијата во Њујорк, Џесика Тиш, изјави дека количката имала знак на кој пишувало „ICE, тргнете се од нашите улици“ и дека осомничениот носел шлем во воен стил.
Барнакл рече дека Арабака признал за време на испрашувањето дека намерно ја таргетирал зградата и дека наводно не му е грижа дали повредил или убил луѓе што влегувале или излегувале од зградата, без разлика дали биле федерални службеници или цивили.
Инцидентот се случил околу 8:20 часот по локално време денес пред влезот во зградата на Федерал Плаза број 26, која во последните месеци е често место на протести против имиграциските политики на администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Три лица беа полесно повредени во инцидентот – еден цивил и двајца владини службеници.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, го нарече инцидентот „длабоко вознемирувачки“.
„Ми олеснува што никој не е сериозно повреден и што осомничениот е во притвор. Нашата администрација ќе продолжи да работи за да се осигури дека секој жител на Њујорк е безбеден во својот град и ќе ги повика на одговорност сите што ќе се закануваат дека ќе го сторат тоа“, рече Мамдани во објава на социјалните мрежи.

Зградата на Федерал Плаза број 26 е дом на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, Градското собрание, имиграцискиот суд и неколку федерални институции, а во последните месеци вниманието на јавноста е насочено кон апсењата на мигранти извршени од агенти на ICE во ходниците на зградата по судските рочишта.
Американските медиуми потсетуваат дека инцидентот се случил во време на зголемени протести против Службата за имиграција и царинска контрола и имиграциските политики на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Во последните месеци се одржаа неколку демонстрации против постапките на федералните имиграциски служби, по неколку смртни случаи поврзани со нивните постапки.

ПредходнаСАД воведуваат дополнителни тарифи од 50 проценти за одредени канадски производи
СледнаСАД започнуваат нов бран напади врз Иран. Техеран: Водиме целосна војна