Агентот на тајната служба задолжен за обезбедување на потпретседателот Џ.Д. Венс е суспендиран и е под внатрешна истрага поради сомнение за протекување на класифицирани информации во медиумите. Според извор запознаен со случајот, агентот е осомничен дека е извор на весник во кој се детално опишани патувањата на Венс. Друг извор потврди дека службените лица го идентификувале лицето за кое веруваат дека стои зад протекувањето, пишува CNN .

Детали објавени во медиумите
Се сомнева дека суспендираниот вработен бил изворот на неодамнешната статија во „MS NOW“. Во текстот се вели дека агентите за обезбедување на Венс се незадоволни од напрегнатоста создадена од распоредот за приватни патувања на потпретседателот.
Како дел од извештајот, MS NOW ги објави и планираните патувања на Венс, вклучувајќи го и летот со неговиот син во хеликоптер на морнаричката пешадија на натпревар по голф. Овие планови потоа беа откажани. Според достапните информации, истрагата ја спроведува одделот за внатрешна контрола на Тајната служба и сè уште не е познато дали против агентот ќе биде покрената дисциплинска или кривична постапка.
Тешка реакција
Објавувањето на оперативни детали во медиумите предизвика остра реакција во Тајната служба, ФБИ и Белата куќа, потврди еден од изворите. Суспензијата на агентот доаѓа во време кога администрацијата на Трамп најави мерки против неовластеното откривање информации до медиумите.
Како дел од слична истрага, федерална голема порота повика на суд четворица новинари на „Њујорк тајмс“ на почетокот на јули поради нивното известување за безбедносните спецификации на новиот претседателски авион, кој Доналд Трамп го доби како подарок од Катар.