Шумски пожар што вчера го зафати подрачјето во близина на басенот Аркашон во францускиот департман Жиронда се прошири на околу 2.000 хектари, а речиси 12.000 луѓе се евакуирани како мерка на претпазливост, објави префектурата.

Властите наредија евакуација на уште околу 7.000 луѓе утрово, а мерката се однесува на шест кампови и станбена зона северно од Кап Ферет, популарна туристичка дестинација во текот на летната сезона, објави „Ле Фигаро“.
Префектурата синоќа објави дека најмалку 4.600 луѓе веќе се евакуирани од домовите и сместувачките капацитети во загрозената област.




