Гостиварци се уште не можат да ја користат водата ниту за техничка употреба бидејќи последните анализи покажале дека се уште нема доволно ниво на хлор.
– За водата да биде безбедна до одреден степен се гледа колку хлор има во неа, а тоа уште го нема постигнато посакуваното ниво. Се прават редовни анализи на водата на повеќе мерни места во моментот, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво ќе биде дадена дозволата за употреба за техничка вода, изјави министерот за здравство Сашо Клековски денеска во Лешок.

Изјави дека состојбата со болните бележи надолен тренд и дека според последните информации бројот на пациенти кои побарале лекарска помош значително е намален поточно дека има околу 80 новопријавени случаи што е двојно помалку од претходниот период. Досега вкупниот број на заболени граѓани достигна 4.000.
За загадувањето на водата во Гостивар во притвор се три лица – в.д. директорката на Комуналец и двајца раководители на сектори. Тројцата се товарат дека дале налог за поставување пумпи со кои непречистена вода се мешала со водата за пиење.
Анализите од Институтот за јавно здравје направени по налог на Обвинителството покажаа присуство на колиформни и фекални бактерии во водата земена од каналот и од преливната станица.




