дома Македонија Политика Османи пак ја црташе преговарачката рамка на табла, Муцунски му возврати дека...

Османи пак ја црташе преговарачката рамка на табла, Муцунски му возврати дека нема легитимитет да држи лекции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски преку објава на Фејсбук упати критики до поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој одново гообјави видеото во кое на табла ја црта и објаснива преговарачката рамка, дека тој е последниот човек кој има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не во преговарачкиот процес.

Муцунски го обвини Османи дека ги извртува фактите и дека нема политички кредибилитет да ја коментира политиката на актуелната Влада.

Според Муцунски, Османи „многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата“, поради што, како што наведува, не треба „да ги извртува фактите и да толкува туѓи изјави“.

Политичар кој не успеа да ја добие довербата ниту на своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту на своите соседи, ниту на луѓето што најдобро го познаваат, навистина е последниот што треба да држи лекции за политички легитимитет – напиша Муцунски, додавајќи дека по таков пораз „многумина би покажале политичка одговорност и би се повлекле, наместо да продолжат да делат лекции“.

Министерот истакна дека ставот на актуелната Влада е непроменет од почетокот на нејзиниот мандат. За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден. Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме, ќе се откажеме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси. Тоа денес е јасно и дома и кај нашите меѓународни партнери – наведува министерот.

Османи: Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, Муцунски денеска го потврди тоа

Поранешниот министер Османи пак претходно на Фејсбук напиша дека четири години тврди дека протоколите не се дел од преговарачката рамка.

Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката  – напиша Османи.

ПредходнаЛДП: Бла-бла дипломатијата не успеа да договори ништо со Индија
СледнаВработен во Центар за вработување излажал корисник на социјална помош и си присвоил 18.000 денари