Тешка кражба се случила во електровлечната потстаница Драчево. Од Министерството за транспорт информираат дека се превртени два големи електроенергетски транформатори, секој со тежина од над 30 тони, испуштено е трансформаторското масло, а бакарните жици и шини се украдени.
Според Министерството, со кражбата предизвикано е целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура. Материјалната штета се проценува на околу пет милиони евра.

– Од подстаницата се украдени бакарни жици, бакарни шини и прачки, како и практично сите уреди и елементи неопходни за нејзиното функционирање. Со ваквото противправно дејствие, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.
Според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра. Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај, велат од Министерството за транспорт.
Бараат итна и темелна истрага и идентификување и одговорност од сторителите и сите лица вклучени во кражбата.




