Засилен сообраќај е регистриран утрово на патиштата низ земјава, а најголем метеж има на граничниот премин Богородица, каде што возачите чекаат околу 45 минути за излез од државата.
Според информациите на Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен, што е вообичаено за овој период од годината кога голем број граѓани патуваат кон туристичките дестинации.
Од АМСМ информираат дека најголема фреквенција на возила е забележана на граничниот премин Богородица, додека на останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од државата.
Од Сојузот апелираат возачите да ја следат актуелната состојба на патиштата и да го приспособат возењето на условите во сообраќајот.




