дома Бизнис Просечната камата на кредитите во јуни 4,67 отсто

Просечната камата на кредитите во јуни 4,67 отсто

Просечните каматни стапки на кредитите на банките и штедилниците продолжија да се намалуваат и во јуни годинава, додека каматите на депозитите останаа речиси непроменети, информира Народната банка.

Според податоците на НБ, во јуни годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,67 проценти, што претставува намалување од 0,02 процентни поени во однос на претходниот месец и за 0,36 процентни поени во споредба со јуни 2025 година. Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, изнесувала 2,17 проценти, што претставува намалување за 0,03 процентни поени на годишно ниво.

Кај новоодобрените кредити, просечната каматна стапка изнесувала 4,38 проценти, со месечно и годишно намалување од 0,04 процентни поени. Од друга страна, новопримените депозити бележат раст, при што просечната каматна стапка достигнала 2,54 проценти, што е повисоко за 0,33 процентни поени на месечно и за 0,19 процентни поени на годишно ниво.

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити се намалила на 4,31 проценти, додека кај новоодобрените кредити е регистриран благ раст на 4,25 проценти. Просечната каматна стапка на депозитите на компаниите изнесувала 2,66 проценти, а кај новопримените депозити пораснала на 2,20 проценти.

За домаќинствата, просечната каматна стапка на вкупните кредити се намалила на 5,02 проценти, што претставува пад за 0,42 процентни поени споредено со лани. Кај новоодобрените кредити е забележан благ месечен раст, при што каматната стапка достигнала 4,71 процент.

Просечната каматна стапка на депозитите на домаќинствата изнесувала 2,10 проценти, додека кај новите депозити се зголемила на 2,74 проценти, што претставува раст и на месечно и на годишно ниво.

Народната банка посочува дека движењата кај каматните стапки и натаму ги одразуваат условите на финансискиот пазар и политиките на банките во кредитирањето и прибирањето депозити.

ПредходнаОпозицијата најавува жешка есен во Собранието, интерпелации за Стоилковиќ и Гаши
СледнаСе поголем број луѓе патуваат на дестинации поблиску до дома