
Во Куманово се одржа 19-тото издание на меѓународната поетска манифестација „Бдеење на кокински мугри“, на кое учествуваа 50 поети од Македонија и од уште седум држави. Во рамки на настанот беа доделени награди и признанија за најуспешните автори, а на конкурсот пристигнаа околу 200 поетски творби од повеќе земји, информираа денеска од Општина Куманово.

На најуспешните поетски творци им беа доделени награди и признанија, додека на сите учесници им беа врачени благодарници. Организаторите посочија дека манифестацијата, која годинава се одржа по 19. пат, прераснува во препознатлив меѓународен литературен фестивал. Во рамки на програмата, поетите го проследија изгрејсонцето на мегалитската опсерваторија Кокино. На манифестацијата учествуваа автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Унгарија, Луксембург и Полска. Учесниците ја посетија и црквата „Свети Ѓорѓија“ во Старо Нагоричане, како и уметничката галерија на НУ Музеј – Куманово.
Според организаторите, на конкурсот годинава пристигнале околу 200 песни од автори од Казахстан, Монголија, Чешка, Словачка, Грција, Полска и други земји, што, како што наведуваат, сведочи за растечкиот меѓународен интерес за манифестацијата.

Во рамки на фестивалот беше промовиран и зборникот „Бдеење на кокински мугри“, издание на Друштвото на писатели Куманово, реализирано со поддршка на Општина Куманово.




