дома Свет Санчез им одговара на европските лидери: Некои земји се водат од предрасуди,...

Санчез им одговара на европските лидери: Некои земји се водат од предрасуди, лажни вести, незнаење или политички интерес

Откако 22 земји членки на ЕУ повикаа на подобра заштита и внатрешни контроли на Шенгенските границите по упадот на мигрантите во шпанската анклава Сеута и го критикуваа Мадрид за начинот на регулирање на миграцијата, шпанскиот премиер Педро Санчез одговори со обвинувања дека некои европски држави се водат од „предрасуди“ и ја поткопуваат европската солидарност.

Во писмо испратено во денеска до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и ирскиот премиер Михаел Мартин, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, Санчез ја изрази „сериозна загриженост“ поради реакцијата на некои членки на Унијата, обвинувајќи ги дека „се водат од предрасуди, лажни вести, незнаење или политички интерес… спротивно на европското право, хуманитарното право и принципите на солидарност“ што ја поврзуваат Европската Унија.

Италија, Данска и Финска беа меѓу земјите што побараа да се воведат контроли на внатрешни граници во Шенген зоната откако повеќе од 50.000 мигранти влегоа од Мароко во шпанската енклава Сеута на северноафриканскиот брег во четврток и петок.

„За помалку од 48 часа, мојата Влада успеа целосно да ја врати контролата врз границата, да обезбеди обемна хуманитарна помош, да ги врати практично сите мигранти што ја преминале нерегуларно и да спречи какво било неовластено понатамошно движење кон континентална Европа“, наведе Санчез во писмото.

Според податоците на шпанското Министерство за внатрешни работи речиси 48.300 луѓе доброволно се вратиле од Сеута во Мароко, главно поради сериозен недостиг на храна и вода предизвикан од големиот број затворени продавници поради страв од грабежи и немири.

Реакцијата на Санчез претставува одговор на писмото на премиерките на Данска и Италија, Мете Фредериксен и Џорџа Мелони упатено до првите луѓе на ЕУ, што го потишаа уште 20 европски лидери, во кое се оценува дека неодамнешната пресуда на шпанскиот Врховен суд со која се оневозможува автоматска депортација на мигрантите кои со пливање ќе стигнат во Сеута „е искористена за да се предизвика овој упад и да се злоупотреби нашиот систем за миграција и азил“.

„Не можеме да дозволиме неконтролирани масовни преминувања, инструментализација на миграцијата или други хибридни закани да создадат перцепција дека нелегалниот влез во Европската Унија е можен. Дека нелегалниот влез на мигрант може да се претвори во легален престој“, се вели во писмото на евроките лидери.

Во него тие изразуваат подготвеност за зајакнување на контролата на внатрешните граници на ЕУ и преземање мерки за „заштита на јавниот ред“.

Освен Шпанија и актуелниот претседавач со ЕУ, Ирска, единствените членки на Унијата што не го потпишаа писмото беа Франција, Португалија и Луксембург.

Случувањата во Сеута и проблемот со миграцијата ќе бидат тема на онлајн состанокот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел. Се очекува по ова Ирска во текот на следната недела да свика и вонреден онлајн состанок на министрите за внатрешни работи на членките на ЕУ на кој ќе се разговара за координирање на европскиот одговор на случувањата во Сеута.

ПредходнаНема нови случаи на западно-нилска треска, се чекаат резултатите од тројца пациенти
СледнаЧетиридневната работна недела станува реалност во Шпанија