
Британската фармацевтската компанија „АстраЗенека“ и нејзиниот американски конкурент „Бристол Мајерс Сквиб“ преговараат за спојување во единствена компанија, чија пазарна вредност би била околу 400 милијарди долари.
„АстраЗенека“ е втора по големина фармацевтска компанија во Велика Британија со пазарна вредност од околу 196 милијарди фунти (264 милијарди долари), додека „Бристол Мајерс Сквиб“ вреди приближно 133 милијарди долари. Со нивното евентуално спојување ќе се создаде една од најголемите фармацевтски компании во светот.
Според лондонски „Телеграф“, ваквото здружување покренува серија прашања за идниот однос на компанијата со Велика Британија, особено затоа што во последно време „АстраЗенека“сè повеќе го насочува бизнисот кон САД. Минатиот септември, компанијата ја надгради својата листа на Њујоршката берза на исто ниво како и на Лондонската, дозволувајќи им на американските инвеститори директно да купуваат акции. Овој потег се сметаше за проблематичен за Лондонската берза.
Потоа, „АстраЗенека“ постигна договор со администрацијата на претсерателот на САД, Доналд Трамп да инвестира 50 милијарди долари во американски производствени и истражувачки центри. Компанијата подоцна се согласи да продава одредени лекови со попуст на американската програма Медикејд за да избегне царини.
И покрај овие потези, „АстраЗенека“ изјави дека има намера да го задржи своето седиште во Кембриџ и својот статус на Лондонската берза.
Тековните преговори потсетуваат на ситуација од пред една деценија, кога американскиот „Фајзер“ се обиде да ја преземе „АстраЗенека“. Тој обид не успеа поради силното противење од администрацијата и британските политичари.
Тогашниот лидер на лабуристите, Ед Милибанд, ги опиша гаранциите на „Фајзер“ за заштита на истражувањата и работните места како безвредни. Професорот Пол Нурс, тогашен претседател на Кралското друштво, реагираше слично, оценувајќи ги ветувањата на „Фајзер“ како нејасни.
„АстраЗенека“ вработува околу 10.000 луѓе на пет локации во Велика Британија. Главните капацитети се наоѓаат во Кембриџ и Маклсфилд, каде што работат по 4.000 вработени, додека уште 2.000 се распоредени во Лондон и Лутон.
Седиштето на „Бристол Мајерс Сквиб“ е во Принстон во американската соојузна држава Њу Џерси. Основана е во 1858 година и е една од најстарите американски фармацевтски компании. Вредноста на акциите на „АстраЗенека“ во последната година се зголеми за 13 проценти, додека на „Бристол Мајерс Сквиб“ за од 43 отсто.




