Стотици грчки пожарникари го продолжија четвртиот ден од борбата со голем шумски пожар северозападно од Атина, кој уништи домови, илјадници хектари обработливо земјиште и борови шуми и принуди евакуација на жителите по копно и море , објави Ројтерс.

Моќни копнени екипи, цистерни за вода и 21 авион се вклучени во гаснењето во понеделник. Пожарникарите се концентрирани во областите Кандили и Агија Скепи, каде што тешката опрема гради противпожарни зони за да спречи пожарот да стигне до станбените области .
Две лица, еден Грк и еден Дански државјанин , загинаа во операцијата во неделата откако нивниот противпожарен хеликоптер се урна по судир во воздух со втор хеликоптер во близина на крајбрежното село Псата, околу 65 километри западно од Атина. Екипажот на другиот хеликоптер, еден Грк и еден Британец, преживеаја.
Грчките власти ја истражуваат причината за инцидентот. Според снимките споделени на социјалните мрежи, роторот на едниот хеликоптер го погодил долниот дел од другиот додека летал на ниска надморска височина .
Трагедијата се случува само неколку дена по други сериозни инциденти. На 29 јули, тројца грчки пожарникари загинаа во две одделни несреќи на островот Крит и на полуостровот Пелопонез.
Заменик-министерот за климатска криза, Костас Кацафадос, рече дека земјата води „нерамномерна битка со последиците од климатската криза “. Тој рече дека силните ветрови во последните денови ги спречиле авионите и хеликоптерите да собираат морска вода, принудувајќи ги копнените екипи да го преземат најголемиот дел од гаснењето на пожарите.
Прелиминарните истраги покажуваат дека пожарот што избувна минатата недела во регионот Беотија и стигна до боровите шуми во близина на Атина, веројатно е предизвикан од искри од вибрирачки жици на приватен далновод што пренесува електрична енергија од ветерни фарми .
Двајца грчки државјани, еден електроинженер и еден изведувач на проектот, се уапсени во врска со случајот и обвинети за подметнување пожар од небрежност. Според грчките власти, дефектите во електричната мрежа станаа една од главните причини за големи шумски пожари во земјата во последните години , надминувајќи ги намерните подметнувања и човечката небрежност.




