дома Свет Катар: Блиску сме до дипломатско решение за кризата меѓу САД и Иран

Катар: Блиску сме до дипломатско решение за кризата меѓу САД и Иран

Напорите за надминување на конфликтот меѓу САД и Иран се во многу напредна фаза и меѓу страните се разменуваат нацрт документи за можен договор, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Маџед ал-Ансари, чија земја заедно со Оман е посредник во индиректните разговори меѓу Вашингтон и Техеран.

„Можеме да потврдиме дека сите страни продолжуваат со напорите. Додека разговараме, работиме на дипломатско решение“, изјави Ал-Ансари.

Тој додаде дека земјите во регионот се заеднички вклучени во обидот за смирување на кризата.

„Нацртите постојано се разменуваат. Можам да ви кажам дека текст на можен договор веќе е изготвен и сега се доставува до страните“, истакна Ал-Ансари, додавајќи дека Катар многу тесно соработува со Оман за да ја олесни комуникацијата меѓу САД и Иран и да овозможи размена на предлози.

Сегашна цел на посредниците е да се постигне краткорочно решение што би ги вратило Вашингтон и Техеран на преговарачката маса.

„Во моментов немаме договорено директни разговори“, додаде Ал-Ансари.

Тој изрази надеж дека продолжувањето на преговорите наскоро би можело да го отвори патот за поширок договор и смирување на конфликтите во регионот.

Катар и претходно беше вклучен во технички и медијациски разговори меѓу САД и Иран, при што двете страни избегнуваа директни состаноци на високо ниво.

Во меѓу време и покрај дипломатските напори, тензиите во Ормуцкиот Теснец продолжуваат да растат.

Така воениот советник на врховниот лидер на Иран, Мохсен Резаи изјави дека Иран нема мирно да ја гледа блокадата на САД врз иранскиот извоз и бродови.

Тој предупреди дека Техеран нема да дозволи бродовите да минуваат надвор од рутата што ја одредил и дека американските воени бродови што ќе се обидат да користат други рути би можеле да бидат нападнати.

САД и Иран продолжуваат да спорат за слободата на пловидба, можните патарини и контролата врз еден од најважните светски патни правци за нафта. Регионалните посредници се обидуваат да се договорат за модел каде што бродовите би користеле посебни коридори за превоз низ иранските и оманските води.

Во такви услови американскиот секретар за финансии Скот Бесент изјави дека договор за повторно воспоставување на сообраќајот низ Ормуцкиот Теснец би можел да биде постигнат денеска или утре.

Тој тврди дека бродовите веќе минуваат низ Теснецот и дека во последните денови има зголемување на сообраќајот.

ПредходнаКриминални групи регрутираат малолетници низ Европа за извршување убиства и напади
СледнаИталијанка фрлила лото ливче што носело добивка од милион евра