дома Технологии Дел од Фалкон 9 на SpaceX ќе се урне на Месечината

Дел од Фалкон 9 на SpaceX ќе се урне на Месечината

Дел од ракетата Фалкон 9 на американската вселенска компанија SpaceX, која е во Вселената од минатата година, денеска со голема брзина ќе се урне на Месечината.

Станува збор за вториот дел од ракетата со големина на автобус со тежина од четири тони, кое би требало да удри во Месечината со брзина од 8.690 километри на час, создавајќи облак од прашина што веројатно ќе го осветли Сонцето, но ќе биде тешко да се види со голо око од Земјата.

Се очекува делот од ракетата да го погоди кратерот Ајнштајн на дел од Месечината што е тешко видлив од Земјата.

Компанијата SpaceX, која ја лансираше Фалкон 9 кон Месечината во јануари 2025 година, соопшти дека уривањето на делот од ракетата не е намеррн.

Вообичаено вакви делови од ракети се упатуваат кон Земјата и согоруваат во земјината атмосферата или паѓаат во некои од океанските пространства. Но, поради технички причини, вториот дел од Фалкон 9 остана во Вселената и почна неконтролирано да се движи заедно со други вселенски остатоци.

„Комбинацијата од сончева активност и гравитацијата во суштина го постави (делот од ракетата) на пат кон Месечината, изјави Јулијана Шајман од SpaceX.

Според авторот на широко користениот софтвер за астрономија, Бил Греј, делот од Фалкон 9 не претставува опасност за никого, но посочи деке има „одредена неодговорност“ во начинот на кој се отстранува користениот вселенски хардвер.

„Тоа би можело да доведе до некаков, веројатно мал, научен интерес, и можеби можеме да научиме нешто од тоа“, рече Греј.

Падови на вселенски остатоци на Месечината се ретки. Дел од кинеска ракета се урна на Месечината во март 2022 година по тест мисија.

Во 2009 година, НАСА намерно урна ракета на Месечината за да го проучи облакот од месечев материјал што се издигна по ударот. Неколку вселенски летала, исто така, случајно се урнаа во Месечината во последниве години.

Руската лунарна мисија Луна-25 излезе од контрола и се урна на Месечината во 2023 година, а индиската мисија Чандрајан-2 се урна во 2019 година, истата година како и израелската ракета Берешит.

Инаку, НАСА планира да изгради база на Месечината и редовно да испраќа астронаути на нејзината површина уште во текот на оваа деценија, како дел од нејзината програма „Артемис“.

ПредходнаТрамп: Или Ормуц ќе биде отворен или Иран ќе се соочи со тежок удар
СледнаДрон со експлозив забележана на аеродромот во Лајпциг, веројатна цел украински авион