Судија во Основниот граѓански суд во Скопје не постапил по одлуката на Уставниот суд во случајот со новинарката Наташа Стојановска.
Од Уставниот суд денеска соопштија дека за случајот се информирани Обвинителството и Судскиот совет.

– На 22 мај 2026 година, полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски го извести Уставниот суд дека пресудата за предметот БЗСП.бр.8/2025 не е извршена(не е земена предвид), бидејќи предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд е отфрлен. По ова известување, судиите на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучија да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Уставниот не е извршена. Потоа, на седницата која се одржа на 22 јули 2026 година, Судот го донесе Решението во кое констатира дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025, не е извршена. Ова е констатирано по детален увид на Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година донесено од судијата кој постапувал во предметот, во Основниот граѓански суд Скопје, информира Уставниот суд.
– За првпат од своето постоење, Уставниот суд го применува механизамот за извршување на одлуките, кој им овозможува заштита на сопствените одлуки. Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривично-правни санкции во случај кога не се извршуваат. Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд. Уставниот суд за прв пат во овој случај го примени новиот механизам за извршување на одлуките предвиден со Актот на Судот кој стапи во сила од септември 2024 година, информира Уставниот суд.




