
Група астроми имаа ретка можност да го набљудуваат целиот процес на „умирање“ на масивна ѕвезда, од почетокот, до самиот крај, стекнувајќи на тој начин нови сознанија за овој феномен.
Набљудувањата започнале во март кога кинескиот вселенски телескоп „Ајнштајн Проб“ снимил краток ударен бран на Икс-зраци, предизвикан од експлозија во јадрото на ѕвездата што умира.
Се верува дека овој процес се случува во секоја супернова, но феноменот е многу тешко да се набљудува поради неговото кратко времетраење. Последен пат таков настан е забележан во 2008 година.
„Мора да имате среќа за да го фатите во реално време“, изјави астрономот Брендан О’Конор од Универзитетот „Карнеги Мелон“ во Питсбург, главен автор на еден од двата научни труда за суперновата објавени во „Астрофизикал Џурнал Летерс“.
Главниот автор на втората студија, астрономот Џилијан Растинеџад од Универзитетот во Мериленд изјави дека додека ударниот бран минува низ надворешните слоеви на ѕвездата и секоја материја во близина, остава отпечаток што може да го види во Икс-зраците.
„Можеме да ги користиме тие зраци за да добиеме невиден крупен поглед на ѕвезда на работ на колапс“, истакна Растинеџад.
Научниците користеа повеќе телескопи, вклучувајќи ја и опсерваторијата за Икс-зраци „Чандра“ и мноштво инструменти на Земјата, за да продолжат да ја набљудуваат ѕвездата речиси три месеци, сè додека суперновата не се помести зад нашето Сонце.
Ѕвездата се наоѓаше на околу 500 милиони светлосни години од Земјата, во релативно блиска галаксија. Светлосна година е растојанието што светлината го поминува за една година или 9,5 трилиони километри.
Се проценува дека ѕвездата била околу 30 пати поголема од Сонцето пред да стане супернова. Се верува дека експлозијата оставила зад себе црна дупка, екстремно густо тело со гравитација толку силна што дури ни светлината не може да избега од неа.




