
Француски суд осуди двајца мажи за „тешко насилство“ поради смртта на Рафаел Гравен, јутјубер кој почина минатата година за време на пренос во живо на палтформата Кик.
Иако не беа прогласени за виновни за самата смрт на Гравен, двајцата мажи беа осудени за водење на каналот на кој се емитуваше стримингот во времето на неговата смрт.
Кривичниот суд во Ница ги прогласи Овен Ченазандоти и Сафине Хамади, двајцата на возраст од 20-тина години, за виновни за „тешко насилство, поттикнување омраза и онлајн злоупотреба“. Судот сепак го отфрли обвинијата за „убиство од небрежност“ и за искористување на менталната нестабилност на Гравен.
Обвинителството објасни дека веројатните причини за смртта се поврзани со лошата здравствена состојба на Гравен и слабото срце.
Адвокатот на Хамади изјави дека Гравен пред неговата смрт рекол дека доброволно се согласил на предизвиците.
Сеназандоти, познат по прекарот Наруто, доби условна затворска казна од 12 месеци и парична казна од 15.000 евра. Хамади, пак, доби условна казна од 18 месеци и парична казна од 5.000 евра.
Судот, исто така, им забрани да објавуваат содржини на платформата Кик во период од шест месеци.
Адвокатите ја критикуваа пресудата, нарекувајќи ги казните „несразмерни“. Според нив, двајцата мажи не го злоупотребиле Гравен и неговата смрт не е поврзана со неговите активности на каналот.
„Реалноста е многу помалку сензационална. Тие беа млади пријатели кои заработуваа пари со исполнување предизвици. Некои од овие предизвици беа невкусни, но тие не ја предизвикаа смртта на Гравен“, порача еден од адвокатите.
Гравен имаше повеќе од милион следбеници на социјалните мрежи и голема заедница на Кик, каде што другите јутјубери редовно го подложуваа на насилство и вербални навреди во преносите во живо. Тој беше пронајден мртов во август 2025 година во Контес, град северно од Ница.
Локалните медиуми во тоа време објавија дека преносот во живо на 18 август покажал маж како лежи неподвижен на душек покриен со јорган. Снимката оттогаш е отстранета од платформата.
Целиот случај го покрена прашањето за државната регулација во Франција на делови од интернетот каде што се толерираат малтретирањето и насилството.




