Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија со порака до Владата дека нејзина обврска е да комуницира транспаретно со јавноста и дека новинарските прашања не смеат да останат без одговор.
– Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија со загриженост констатира дека се појавува пракса во која Владата систематски одбива да одговара на новинарски прашања и го ограничува пристапот до информации од јавен интерес. Истата се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот Пи-ар одговараше селективно на новинарски прашања, стои во реакцијата.

ССНМ потсетува дека ПР службата на Владата има јасна обврска да одговори на секое новинарско прашање — без право да толкува дали прашањето „заслужува“ одговор или не.
– Одлуката за тоа кои прашања се релевантни не се во надлежност на владините комуникациски служби — тоа е во надлежност на новинарите, медиумите и јавноста. Ваквата пракса не смее да продолжи. Исто така, ССНМ бара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да комуницираат со новинарите со почит и професионализам, велат од ССНМ.
Бараат Владата итно да воспостави редовна и отворена комуникација со медиумите, да овозможи пристап до информации од јавен интерес и да ги почитува стандардите на медиумската слобода загарантирани со Устав.




