дома Македонија Општество Партениј на Света Гора – прво архијерејско сослужување на МПЦ-ОА во новата...

Партениј на Света Гора – прво архијерејско сослужување на МПЦ-ОА во новата ера на односите со Вселенската патријаршија

Историски момент за Македонската православна црква – Охридска архиепископија и нејзините односи со Вселенската патријаршија се случува деновиве на Света Гора. Епископот Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, Партениј, престојува на Атон, каде што за првпат архијереј на МПЦ-ОА претстои на богослужение и ќе сослужува во светогорска обител во новите црковни околности создадени по 2022 година.

Посетата на Партениј не е само поклонение на Света Гора. Таа има многу пошироко црковно значење – станува збор за првото доаѓање на архијереј на МПЦ-ОА на Атон со можност официјално да богослужи во светогорски манастир, со благослов на Вселенската патријаршија и на светогорските власти.

Епископот Партениј вечерва служеше на празничното сеноќно бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Литургија во Кутлумушкиот скит на свети Пантелејмон во Кареја, по повод празникот на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон.

Од Бигорскиот манастир посетата ја опишуваат како „враќање кон духовните извори“, но нејзиното значење е и црковно-историско: Света Гора е монашко средиште под јурисдикција на Вселенската патријаршија, а можноста архијереј на МПЦ-ОА да претстои на светогорска Евхаристија е видлив знак на новите односи меѓу двете Цркви.

„Ова поклонение е многу повеќе од обична посета: тоа е трогателно враќање кон духовните извори“, велат од Бигорскиот манастир.

Посебната симболика на посетата е уште поголема ако се има предвид дека Партениј на Света Гора доаѓа прв пат како Епископ по 36 години. Како млад богослов и искушеник тој живеел во манастирот Григоријат, под духовното раководство на старецот Георгиј Капсанис. Тогаш на Атон доаѓал како човек кој го барал својот монашки пат. Денес се враќа како епископ.

Но, меѓу неговото прво и сегашното доаѓање се случи и голема промена во црковниот статус на Македонската православна црква.

Во мај 2022 година Вселенската патријаршија ја прими МПЦ-ОА во евхаристиско и канонско општење, а потоа следуваше и воспоставувањето на целосното евхаристиско единство со останатите православни Цркви.

Тоа е прв случај архијереј на МПЦ-ОА да пристапи кон светогорскиот олтар како архијереј на Црква која е во евхаристиско единство со Вселенската патријаршија и да претстои на богослужение во една од светогорските обители.

Симболиката е особено силна и поради местото на богослужението. Кутлумушкиот скит се наоѓа во Кареја, духовното и административно средиште на Света Гора, а празникот на свети Пантелејмон ќе биде одбележан со сеноќно бдение и Божествена Литургија со која ќе претстои епископот Партениј.

Во текот на посетата Партениј веќе се поклони во Протатонот пред чудотворната икона „Достојно ест“, а ги посети и Филотеј, Каракал, Иверон, Ставроникита и Ватопед.

Особено значајна била средбата во Ватопед со игуменот, архимандрит Ефрем. Според Бигорскиот манастир, на средбата било истакнато дека „најпосле се исполни времето архиереј од нашата Црква да пристапи на Света Гора како канонски епископ и да богослужи во нејзините свештени манастири“.

Од Бигорскиот манастир велат дека за нив ова е „чудесно заокружување на еден духовен пат“.

-За нашиот Старец, ова доаѓање претставува исполнување на долгогодишен копнеж и чудесно заокружување на еден духовен пат: некогаш млад искушеник, кој со страв Божји ги примал првите светогорски поуки, денес повторно чекори по истата осветена земја на светогорските подвижници како монах, свештенослужител и епископ, придружуван од своите духовни чеда. Во секоја посетена светиња се преплетуваат споменот, благодарноста и обновеното предавање на волјата Божја. Поклонението ќе го достигне својот богослужбен врв на сеноќното бдение во Кутлумушкиот скит на свети Пантелејмон во Кареја, каде што нашиот Старец ќе претстои на празничното бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Евхаристија. Овој настан ќе остане запишан како особено благодатен и историски миг во летописот на Бигорската обител – миг на благодарност, црковно единство и целив кон светогорското духовно наследство, велат од Бигорски.

Патувањето на Партениј и дел од монасите од Бигорски на Света Гора е со благослов на надлежниот митрополит, Дебарско-кичевскиот Георгиј и со благослов на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, под чија јуриздикција е Света Гора.

ПредходнаИ денес топло, живата во термометарот до 39 степени
СледнаЗеленски: Путин подготвува мобилизација