дома Македонија Судскиот совет и Здружението на судии контра Уставниот суд за случајот со...

Судскиот совет и Здружението на судии контра Уставниот суд за случајот со новинарката Наташа Стојановска

Судскиот совет и Здружението на судии контра Уставниот суд откако тој за првпат го активираше механизмот за заштита на извршувањето на своите одлуки и извести дека судија од Граѓанскиот суд не ја спровел нивната одлука во случајот со новинарката Наташа Стојановска.

Во денешното соопштение, Судскиот совет и Здружението на судии велат дека го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд и принципот дека неговите одлуки се конечни и извршни и дека надлежните државни органи се должни да постапуваат во согласност со обврските што произлегуваат од нив, но дека  истовремено, еднакво значајно е и почитувањето на уставно загарантираната самостојност и независност на судовите, законски уредениот тек на судските постапки и правото на користење на предвидените правни лекови.

– Во конкретниот случај, Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд. Оттука, постапката сè уште е во тек, а оценката на законитоста на првостепената одлука му припаѓа само на надлежниот второстепен суд. Во такви околности, Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија сметаат дека секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет, се наведува во соопштението.

Уставниот суд побара институционална одговорност откако оцени дека судија од Основниот граѓански суд не ја извршил неговата одлука за заштита на слободата на изразување на новинарката Стојановска, поврзана со насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

ПредходнаУтре и в петок августовски испитен рок за матура – 1 460 пријавени ќе полагаат во четири градови на осум локации
СледнаВработени од МВР без здравствено осигурување, институциите си ја префрлаат топката