дома Без филтер Зошто Европа се загрева двојно побрзо од остатокот на светот?

Зошто Европа се загрева двојно побрзо од остатокот на светот?

Европа се загрева двојно побрзо од кој било друг континент во светот, а последиците од климатската криза стануваат сè посмртоносни. Причината лежи во комбинација од глобални и европски фактори, од промена на временските услови до намалено загадување на воздухот.

Додека целата планета се затоплува поради емисиите на стакленички гасови, Европа доживува зголемување на температурата двојно побрзо од глобалниот просек. Континентот сега е за 2,5 степни Целзиусови потопол од прединдустриската ера, додека глобалниот просек е 1,4 степени.

Топлотните бранови веќе одзедоа десетици илјади животи ова лето. Податоците покажуваат дека од средината на 90-тите години на минатиот век, температурите во Европа се зголемуваат за 0,56 степени по деценија, значително побрзо отколку во Северна Америка (0,42), Африка (0,36) и Јужна Америка (0,27).

Европа се загрева побрзо

Копнените маси се загреваат побрзо од океаните, но Европа е единствена во комбинација од четири фактори. Тие вклучуваат промени во атмосферската циркулација, близината на брзото топење на Арктикот, намалувањето на снежната покривка и влијанието на почистиот воздух.

Промените во атмосферската циркулација над Европа предизвикуваат почести и поинтензивни летни топлотни бранови. Пример е топлотниот бран во јуни оваа година, најлошиот досега, за време на кој топлиот воздух беше заробен под таканаречената топлотна купола. Научниците сè уште ја истражуваат точната улога на глобалното затоплување во овие промени, но врската е сè поверојатна.

Д-р Саманта Бургес од Коперникус службата на Европската Унија вели: „Кога ги разгледуваме трендовите во последните 40 години, гледаме статистички значајни промени во моделите на површински притисок и другите индикатори за циркулација. Во тој период, овие промени е поверојатно да бидат поврзани со климатските промени отколку со природната варијабилност.“

Оваа врска може да произлегува од промените во млазниот тек, ветер со голема надморска височина и голема брзина што има силно влијание врз времето во Европа. Самиот млазен тек е под влијание на зголемувањето на температурите.

Влијанието на топењето на Арктикот

Арктикот е регионот што најбрзо се загрева на планетата. Брзото топење на белиот морски мраз, кој ја рефлектира сончевата светлина, открива потемна површина на океанот. Океанот потоа апсорбира значително повеќе топлина, што дополнително го забрзува топењето на мразот и создава повратна јамка.

Бидејќи Европа е релативно блиску до Арктикот, овој процес директно влијае на побрзото зголемување на температурата на континентот.

Снежната покривка, која некогаш покриваше голем дел од Европа во зима, играше слична улога како и арктичкиот мраз – ја рефлектираше сончевата светлина и го ладеше континентот. Поради климатските промени, површината под снег се намалува.

Во март минатата година, снежната покривка во Европа беше само 1,3 милиони квадратни километри, што е за 31 процент под просекот за периодот 1991-2020 година. Изгубената површина е еднаква на вкупната површина на Франција, Италија, Германија, Швајцарија и Австрија. Ова беше третата најмала регистрирана снежна покривка откако започнаа мерењата во 1983 година.

Парадоксот на почистиот воздух

Во последните децении, Европа успешно го намали загадувањето на воздухот, кое предизвикува милиони смртни случаи глобално секоја година. Но, овој успех имаше неочекувана последица: почистиот воздух го засилува ефектот на затоплување предизвикан од јаглерод диоксидот.

Аеросолните честички од загадувањето ја рефлектираат сончевата светлина или директно или преку формирањето облаци, спречувајќи ја топлината да стигне до Земјата. Помалку честички во атмосферата значат помалку рефлексија, па затоа повеќе топлина е заробена од стакленичките гасови. Некои истражувања, исто така, го поврзаа намаленото загадување со почесто блокирање на атмосферските системи.

Научниците сè уште не можат да го утврдат точниот придонес на секој од овие четири фактори, но се надеваат дека ќе ги имаат своите први проценки следната година.

Она што го знаеме е дека важноста на секој фактор се менува со сезоната. Близината до Арктикот е најважна во есен и зима, додека промените во циркулацијата, кои ги следиме од крајот на 1970-тите, се статистички позначајни во лето.

Итни решенија

Намалувањето на загадувањето на воздухот е најизразено во зима, кога јагленот се користи помалку за греење, а и снегот е зимски феномен. Во последните децении, зимското затоплување во Европа е најсилно на север, а летното на југоистокот од континентот.

Брзото затоплување доведува до повеќе смртни случаи, поинтензивни пожари и повеќе суши. Вишокот топлина во климатскиот систем предизвикува и повеќе бури, обилни дождови и поплави.

Овие феномени директно влијаат врз животите и егзистенцијата на луѓето низ цела Европа, а ситуацијата ќе се влоши сè додека емисиите на стакленички гасови не достигнат нето нулто ниво. Постои итна потреба драстично да се намалат емисиите на јаглерод диоксид и да се воведат мерки за заштита на населението.

„Огромните трошоци од оваа климатска криза, и човечки и економски, достигнаа размери на национална вонредна состојба. Кристално е јасно што мора да направиме: побрзо да се откажеме од јагленот, нафтата и гасот, да го забрзаме преминот кон обновлива енергија и да ги заштитиме луѓето“, изјави извршниот секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, Сајмон Стил на крајот на јули.

Извор: Гардијан

ПредходнаЈужна Кореја се подготвува за слетување на Месечината до 2030 година
СледнаПронајдени двајца од четворицата исчезнати Португалци во Хрватска, потрагата продолжува