дома Свет Еврејски доселеници со денови држат под опсада палестински село (ВИДЕО)

Еврејски доселеници со денови држат под опсада палестински село (ВИДЕО)

Десетици еврејски доселеници од минатиот викенд под опсада го држат селото Кусра на Западниот Брег, со цел да ги протераат трите палестински семејства што живеат таму. Семејствата велат дека има сериозен недостиг на храна, вода и медицински материјали. Израелската армија се обидела да ја прекине опсадата, но без успех.

„Секоја вечер доселениците фрлаат камења, нè пцујат и викаат по нас. Живееме во постојан страв“, изјави Ракфа Хасан, Палестинка заробена во една од куќите во селото.

Според медиумските извештаи, доселениците прават сè што можат за да го направат животот во куќите неподнослив. Меѓу другото, тие го прекинале снабдувањето со електрична енергија, храна и вода. Кога двегодишно палестинско дете се разболело, доселениците го попречиле амбулантното возило да влезе во селото.

Палестинските семејства за проблемите веќе ги известиле безбедносните служби и израелската армија. Командантот на израелските трупи на Западен Брег ги посетил палестинските семејства, ветувајќи им дека ќе ги избрка доселениците и ќе ја прекине опсадата. Но, засега тоа сè уште не се случило.

Израелски војници употребиле солзавец и шок бомби за да ги избркаат доселениците и го отстраниле шатор каде што тие ги минуваа ноќите. Сепак, доселениците не се повлекоа.

Во врска со случајот се огласи и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, кој изјави дека е свесен за опсадата и дека го осудува насилството.

„Теророт што го користат овие луѓе, со намера да ги заплашат и малтретираат семејствата, е одвратен. Нема изговор за ова бандитско однесување“, порача Хакаби.

Ова не е прва опсада на Западниот Брег. Претходно, досленици под опсаде држеа куќа во селото Џалуд, каде живееше семејството ал-Тубаси. Семејството со месеци живееше по опсада, но на крајот реши да си замине.

Според групата за заштита на човековите права Б’Целем, насилството на Западниот Брег е дел од стратегијата за расчистување на областа за израелски развој. Во текот на изминатите три години, најмалку 64 палестински заедници беа раселени, 15 села останаа без своите жители поради насилството, а повеќе од 4.800 Палестинци беа протерани од своите домови.

„Доселеничките вооружени групи, поддржани од израелската армија, ги прошируваат своите напади во палестинските села и градови. Тие заземаат земја, напаѓаат домови и раселуваат семејства. Етничкото чистење од страна на Израел на Западниот Брег се забрзува и се шири, што сите можат да го видат“, велижат од Б’Целем.

ПредходнаДали ChatGPT може да биде добар психолог?
СледнаСо гаранција од 500.000 евра укинат притворот на Илчо Ѓорѓиевски