дома Македонија Економија ММФ ќе и препорачува на владата одење во пензија подоцна и поголеми...

ММФ ќе и препорачува на владата одење во пензија подоцна и поголеми придонеси

Меѓународниот монетарен фонд повторно ја отвора темата за пензиска реформа во Македонија. Од ММФ за „Фокус“ потврдуваат дека ќе препорачаат параметарски промени во системот, кои може да ги опфатат правилата за усогласување на пензиите, возраста за пензионирање и висината на придонесите. Конечната одлука, нагласуваат од Фондот, е на македонските власти, се вели во изјавата која ја пренесува Фокус.мк

АИ генерирана фотографија

 

Причината е долгорочниот финансиски притисок врз пензискиот систем, кој дополнително го зголемуваат стареењето на населението, иселувањето и побавниот раст на бројот на осигуреници во однос на пензионерите. Во извештајот за Македонија од 2026 година, ММФ предупредува дека без реформи расходите за пензии ќе создаваат сè поголем притисок врз јавните финансии.

Една од опциите што ги посочува ММФ е промена на начинот на кој се усогласуваат пензиите, заедно со корекции на старосната граница за пензионирање и стапките на пензиските придонеси. Станува збор за таканаречена параметарска реформа – промена на клучните правила во постојниот систем, без негово целосно укинување или заменување.

ММФ и во извештајот од 2025 година препорача пензиите да се усогласуваат според јасни правила, да се разгледа зголемување на придонесите и да се изедначува возраста за пензионирање на мажите и жените. Во Македонија таа во моментов е 64 години за мажи и 62 години за жени.

Потребата од реформа ја покажуваат и финансиските податоци за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според ревизорските податоци што ги пренесува „Фокус“, 36,71 проценти од приходите на ПИОМ доаѓаат преку трансфери од државниот буџет, бидејќи придонесите не се доволни сами да ги покријат расходите за пензии.

Во 2024 година од пензиски придонеси биле собрани околу 71,4 милијарди денари, додека расходите за пензии достигнале околу 90,3 милијарди денари. Истовремено, долгот кон вториот пензиски столб изнесува околу 42 милиони евра.

Од ММФ сепак потенцираат дека тие не одлучуваат каков модел ќе биде применет.

„Сите политички одлуки се прерогатив на властите“, велат од Фондот, додавајќи дека нивната улога е да обезбедат технички совети и меѓународно искуство, со што практично топката се префрла во дворот на Владата, која веќе подолго време испраќа сигнали дека е подготвена за промени за идните пензионери.

Владата побара од ММФ и Светска банка анализа на првиот и вториот пензиски столб, вклучително и на финансиската одржливост, буџетските трансфери и демографските притисоци врз системот.

ПредходнаПри градежни активности во Белгија откриено злато во вредност од 9 милиони евра
СледнаПожар во магацин во Вараждин, можна причина експозија (ВИДЕО)