Министерството за надворешни работи апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат во погодените подрачја со пожарите во Грција ако имаат потреба од помош да се обратат на телефонскиот број +389 75 268 736, на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk, како и на дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.

– Воедно, ги потсетуваме македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти, велат од Министерството за надворешни работи.
Од Министерството велат дека со внимание ја следат актуелната состојба со пожарите во Грција, преку своето дипломатско-конзуларно претставништво во Солун и во комуникација со надлежните грчки институции.
Голем шумски пожар денеска го зафати подрачјето на туристичкото место Сивири на првиот крак на Халкидики. Пожарот е ставен под контрола, но во текот на денот огнената стихија принуди масовна евакуација на жителите и туристите кои беа извлекувани по воден пат.




