Северна Македонија повторно се најде на второто место на европската „црна листа“, овојпат по количество отпад, обвинува СДСМ во соопштение.
„Покрај тоа што сме ‘трета економија во Европа’, покрај тоа што сме ‘први по туризам’, покрај тоа што сме ‘лидери во авиосообраќајот’ и покрај тоа што аеродромот е ‘најбрзорастечки’, и покрај тоа што платите најбрзо ни ‘растеле’…, повторно сме втори на европската црна листа. Овојпат по ѓубре“, наведува СДСМ.
Од партијата за ваквата состојба ја обвинуваат скопската локална власт и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Заслугата му припаѓа на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Човекот кој ја испитува водата од воздух, со дрон. Кој не може ниту навреме за комарци да испрска. Човекот кој прави AI билборди со коњ на пет нозе, вијадукт од Босна и храм од Србија. Сега може да се пофали и со оваа титула – еден од највалканите градови во Европа“, се вели во соопштението.
СДСМ во продолжение се осврнува и на економските показатели, туризмот и авиосообраќајот, критикувајќи ги, како што велат, владините тврдења за економски успеси.
„Минимална плата околу 26.000 денари. Просечна околу 49.000 денари. Потрошувачка кошничка околу 70.000. На млад човек без стан му требаат околу 90.000 денари месечно само за да преживее. Економијата е во ‘одлична’ кондиција!“, наведува СДСМ.
Во однос на туризмот, од партијата прават споредба со земјите од регионот и наведуваат дека Хрватска има над 18 милиони странски туристи, Албанија над 11 милиони, Црна Гора меѓу два и три милиони, Србија околу 2,4 милиони, додека Македонија околу еден милион.
„Авиосообраќај? Луфтханза си замина. ЛОТ си замина. Изиџет ја укинува линијата за Париз. Е тоа е реалноста зад слоганите за ‘трета економија’ и ‘лидери’“, додаваат од СДСМ.
Од партијата се осврнуваат и на најавите за поставување нови контејнери во Скопје.
„Орце ветуваше 3.000 контејнери од септември. Можеби тогаш ќе се поместиме од второто на третото место. Но, сигурно ќе бидеме на врвот на црната ранг-листа“, стои во соопштението на СДСМ.




