
Ерупцијата на вулканот Етна на Сицилија трае веќе седум дена, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај на овој италијански остров во екот на летната сезона.
Според директорот на Опсерваторијата „Етна“при италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ), Салво Гамбино, ерупцијата на вулканот има карактеристики што се веќе регистрирани во минатото, но она што ја прави невообичаена е токму нејзиното времетраење.
– Слични феномени се забележани кон крајот на 70-тите години на минатиот век, изјави Гамбино.
Во последните децении, ерупции на Етна се случиле во неколку наврати, но овие процеси генерално траеле многу ограничено време, од неколку часа до половина ден.
„Во овој случај, имаме седум дена континуирана активност, што е карактеристична црта на сегашната ерупција“, вели Гамбино, додавајќи дека ваквата должина на ерупцијата укажува дека „можеби има магма што се издига од поголема длабочина и е богата со гас“.
Засега, според Гамбино, ерупцијата не претставуваат закана за населените области, но облакот од пепел кого јужните ветрови го туркаат кон аеродромот во Катанија, па дури и подалеку од Сицилија, предизвикува нарушувања во воздушниот сообраќај.
„Најголемиот проблем во моментов главно е поврзан со континуираниот облак од пепел. Овој облак очигледно се распрснал во атмосферата, а ветрот што во последните денови дув од југ, ги искомплицира работите, во смисла дека го турка кон аеродромот, објасни Гамбино.
Во такви услови, додека аеродромот во Катанија ја продолжи забраната за летови поради големите количества вулканска пепел во водухот, голем број постители пристигнуваат во реонот да можат во живо да ја видат ерупцијата.
Приливот на голем број луѓе во реонот на Етна предизвика сообраќен хаос на патиштата и патеките што водат до местата од каде што може да се набљудува вулканската активност.
„Има премногу луѓе и премногу автомобили паркирани на хаотичен начин“, изјави локалниот водич Кристијан Алеси, кој сегашната состојба со постителите околу Етна ја споредува со онаа во најпопуларните одморалишта во областа, Таормина и Катанија, во текот на викендите.
Алеси вели дека видел и многу луѓе на работ на падината Вале дел Бове, која е на кратко растојание од областа погодена од вулканската активност, но која, според него, е „многу нестабилна“.
„Прекрасно е да се гледа, но тоа мора да се направи безбедно, со водичи“, додава Алеси.




