
При кибер напад врз системот на Даночната управа на Франција се украдени податоци на даночни обврзници, како физички, така и правни лица, соопшти француското Министерство за финансии. Според француските медиуми, станува збор за податоци на речиси 700.000 даночни обврзници.
Министерството инфромира дека извршителот нс кибер нападот во средата објавил дека кон крајот на јуни упаднал во системот на Даночната управа.
За случајот е покрената истрага, која потврдила дека навистина се случил напад и дека податоците биле „прегледани и украдени“.
Во тек се дополнителни проверки за да се утврди точно за какви податоци станува збор и за точниот број на засегнати корисници.
Министерството соопшти дека ќе објави нови информации штом тие бидат достапни.
„Сите корисници чии податоци биле компромитирани ќе добијат лично известување со детали за тоа до кои информации потенцијално било пристапено или биле украдени. Тие исто така ќе добијат упатства за мерките на претпазливост што треба да ги преземат“, соопшти Министерството.
Платформата ФренчБричес, која ги следи кибер нападите во Франција, објави дека директно од хакерите кои презедоа одговорност за нападот биле информирани оти се украдени податоците на речиси 700.000 даночни обврзници.
Министерството зза финансии не ги коментираше бројките објавени од платформата.




