
Хрватската и словенечката полиција во три одвоени акции спречија илегален транзит на илегални мигранти од територијата на Балканот кон земјите од Западна Европа.
Во првата акција во близина на Славонски Брод, хрватската полиција пресретнала комби управувано од 34-годишен романски државјанин, со кое се превезувала неколку мигранти.
По запирањето на комбито на автопатот А3 од страна полициска патрола, Романецот излегол од возилото и се дал во бегство. Тој ја прескокнал безбедносна ограда на автопатот и се сокрил во густа вегетација, но полицајците набрзо го пронашле и уапсиле.
Тој е осомничен за „илегален влез, движење и престој во Хрватска, друга земја членка на ЕУ или потписничка на Шенгенскиот договор“.
Полициската истрага утврдила дека мигрантите илегално ја преминале хрватската граница, по што на договорена локација ги пречекал приведениот Романец, кој за паричен надомест требало да ги пренеси во внатрешноста на Хрватска.
Во близина на Ново Место, пак, словенечката полиција уапсила двајца мажи, српски и словачки државјанин, кои во два одделни случаи се обиделе да прошверцуваат повеќе од 120 странски државјани.
Првата акција е спроведена откако граѓанин ја известил полицијата дека видел „неколку луѓе“ како излегуваат од камионот во близина на местото Дрново, околу 30 километри по граничниот премин Брегане, по што возилото продолжило со движење.
Полициските службеници набрзо го лоцирале камион со српски регистарски таблички, кој превезувал пченица, и го уапсиле 37-годишниот возач, кој е државјанин на Србија. Набрзо во поширокиот реон на Дрново, полицијата пронашла и привела 99 странци – 69 државјани на Бангладеш, 28 на Пакистан и по еден државјанин на Гана и Непал.
Неколку часа подоцна, словенечката полиција постапила по уште една дојава од граѓанин, кој забележал сомнително однесување на возачот на комби во близина на Јесенице.
Врз основа на оваа информација, полицијата го запрела возилото управувано од 27-годишен Словак, во кое се превезувале 27 странци кои илегално влегле во Словенија. Возачот е приведен и против него ќе бидат поднесени и кривични пријави, додека откриените 25 египетски државјани и по еден турски и руски државјанин се предадени на надлежните органи за мигранти.




