Со изведување на наодите од градежното вештачење на објектот „Пулс“ и распит на вештите лица што го изработиле, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходното рочиште, вештаците кажаа дека „Пулс“ нелегано бил пренаменет од индустриски објект во дискотека спротивно на урбанистичкиот план. Со вештачењето е утврдено и дека биле поставени прегради од гипс-картон и врати кои претставувале директна пречка за евакуација.
Вештите лица Душица Трпчевска Ангелковиќ и Маријана Лазаревска, зборуваа за аспекти од вештачењето поврзани со урбанизмот и градежните аспекти.
Прашани дали Општината можела да реагира и на кој начин, кога веќе се вршела угостителска дејност дискотека во овој објект, вештакот рече дека Законот за градење покрај другото го уредува и начинот на употреба на објектите, а станува збор за објект од втора категорија, односно од локално значење и одобренија ги издава општината, значи дека Општината е повикана да постапува по надлежноста, а тоа е да контролира дали објектот се употребува согласно даденото одобрение за градење и употреба.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, како што е најавено, треба да заврши изведувањето на докази од Обвинителството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.




