Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Би-Би-Си за вознемирување на неговото семејство откако телевизиската куќа се обиде да ги повика неговите деца како сведоци во тужбата на претседателот, објавија ABC News и Sky News.

Портпаролот на правниот тим на Трамп беше цитиран од „Дејли Телеграф“ дека Би-Би-Си „намерно го клевети претседателот Доналд Трамп и сега се обидува да го вознемири него, неговото семејство и неговите поддржувачи со злоупотреба на процесот на сведочење“.
„Би-Би-Си едноставно се обидува да го одвлече вниманието од сопствената очигледна одговорност“, рече портпаролот.
Минатата година, британските медиуми му се извинија на Трамп за „грешка во проценката“ во врска со емитувањето на документарецот.
Радиодифузерот потоа го отстрани филмот од сите платформи, но негираше дека го клеветил претседателот.
Трамп ја тужи корпорацијата за 10 милијарди долари, тврдејќи дека неговиот „бренд, средства и бизнис“ биле оштетени од документарецот. Во документите поднесени во петокот, адвокатите на Би-Би-Си тврдат дека децата „несомнено имаат лично знаење“ за настаните од тој ден што би можело да ја открие намерата на Трамп зад неговиот говор.
Сепак, нивните обиди да достават физички судски покани беа неуспешни, бидејќи Тајната служба на САД им забрани пристап на членовите на непосредниот семеен круг на претседателот.




