дома Македонија Трета жртва од западнонилска треска, најмладиот хоспитализиран има 25 години

Трета жртва од западнонилска треска, најмладиот хоспитализиран има 25 години

Западнонилската треска ја зема третата жртва. Викендов починал 61-годишен пациент кој имал придружни сериозни заболувања.

Досега во земјава се потврдени 35 случаи, а уште тројца  супсектни се во процес на дијагностицирање.

На Клиниката за инфективни болести се лекуваат 16 пациенти од кои 6 се во критична состојба.

Она што е ново е дека се поместува границата на заболени, односно за разлика од претходно кога пациентите беа главно над 60 години, сега е хоспитализиран и 25-годишен пациент кој е во стабилна здравствена состојба.

– Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен, но е во стабилна здравствена состојба и е во Одделот за невроинфекција, изјави денеска директорот на Инфективната клиника Фадил Цана.

Најчести симптоми се висока температура, силна главоболка, закочен врат, дезориентираност, конфузност итн. Инкубацијата на вирусот е од 3 до 14 дена.

– Сите пациенти се со епидемиолошка анкета и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата, и каде се движеле. Има луѓе со урбани адреси, но имале и викендичка, и најверојатно во тој период престојувале на овие места, така што во основа сите мерки се насочуваат таму каде што е најверојатното место на заразување. Една од мерките е лична заштита од убоди од комарци, и отстранување на застоена вода, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.

ПредходнаНов скок на горивата – бензините за 4,5 денари, дизелот за 6,5 денари
СледнаСвадбата на Кристијано Роналдо од зад кулисите: Венчавка на трпезариската маса и без меден месец (ВИДЕО)