
Британскиот премиер Енди Барнам преку пораки контактирал со некого кој се претставувал како да е Сузи Вајлс, шефот на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Тајмс“.
Според расположливите инфромации, Барнам разменил неколку пораки со лицето за кое мислел дека еден од клучните луѓе од доверба на Трамп.
„Тајмс“ наведува дека контактите наводно се случиле и пред и откако Барнам ја презеде функцијата премиер на 20 јули.
Сомнителната комуникација брзо била забележана, по што Британската амбасада во Вашингтон стапила во контакт со Белата куќа, од каде била инфромирана дека не станува збор за Вајлс.
Засега малку се знае за содржината на пораките, но според медиумските сознанија, не биле разменети важни или чувствителни информации.
Даунинг стрит засега одбива да го коментира случајот. „Не коментираме прашања поврзани со националната безбедност“, соопшти Кабинетот на Барнам.
Вајлс беше менаџер на кампањата на Трамп за време на претседателските избори во 2024 година и се смета за една од најважните луѓе во опкружувањето на американскиот претседател, како и дека во голема мера ги контролира пристапот до Трамп и функционирањето на Белата куќа.

Во мај минатата година, беше откриено дека некој се претставувал како Вајлс и контактирал сенатори, гувернери, бизнисмени и други истакнати личности, по што ФБИ отвори истрага за случајот.
Според извештаите, осомничениот „крадец на идентитетот на Вајлс“ добил пристап до контактите од нејзиниот личен телефон на Вајлс. Тој можел да види кој се е на листата на нејзините лични контакти и да пристапи до тие луѓе.
Американските безбедносни служби веќе подолго време изразуваат загриженост околу дигиталната безбедност на Белата куќа. Така, на пример, личниот телефонски број на претседателот им е познат на голем број новинари кои ја следат американската политика.
Во декември 2025 година, во извештај на Министерството за одбрана на САД беше оценето дека секретарот за одбрана Пит Хегсет ја загрозил безбедноста на американските трупи, со тоа што детали за воена операција изнел во групен чат со други високи американски функционери.
Во тој групен чат бил и новинар, кој бил додаден во групата од страна на советникот за безбедност Мајк Волц, кој го зачувал неговиот број под туѓо име.
Според извештајот, внатрешната истражна служба на Министерството утврдила дека информациите што Хегсет ги споделил биле класифицирани.




