Издавачката куќа „Матица македонска“ денеска одбележува 35 години постоење. Основана е на 24 август 1991 година, петнаесет дена пред референдумот на 8 Септември.
Основана е од поетот, книжевен критичар и антологичар Раде Силјан во време на национален и општествен пресврт, со јасна определба книгата на македонски јазик да стигне до македонскиот читател и до секој македонски дом.
Денес, зад „Матица македонска“ стојат над 3.000 наслови, објавени во повеќе од шест милиони примероци. Во таа продукција се вградени македонската книжевност, книжевната критика и наука, историјата, филологијата, етнологијата, фолклористиката, археологијата, историјата на уметноста, публицистиката и капиталните монографии. Особено место имаат изданијата посветени на македонското културно наследство и на неговите најзначајни духовни, историски и уметнички средишта.
За неа, Гане Тодоровски ќе рече – „Матица македонска“ не е само издавач, туку и симбол на современата македонска држава.
Во изминатите децении, „Матица“ вложуваше не само во создавањето книги, туку и во создавањето читатели. „Книга во секој дом“ има традиција подолга од четврт век, а „Клуб Матица“ денес обединува над 55.000 читатели.

