Поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник на Карпош Стефан Богоев заедно со уште три физички лица заработија кривична пријава.
Финансиската полиција предмалку соопшти дека кривичната пријава е поднесена против С.Б. во својство на директор на Царинската управа, С.М. во својство на помошник директор во Царинската управа, Д.Г. во својство на овластено лице во правно лице, А.С. во својство на вработено лице во правно лице и против едно правно лице.

Се товарат за „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, „примање поткуп“и „примање награда за противзаконито постапување“.
Според прибраните докази постојат сомневања дека во периодот од јули 2023 година до март 2024 година, свесно ги повредиле прописите за спроведување на постапките за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на граничните премини и терминали со цел фаворизирање на пријавеното правно лице и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка.
Богоев како директор на Царинската управа влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а помошникот директор влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што обезбедиле услови за избор и му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од големи размери во вкупна вредност од 18.479.692 денари.
– Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М, соопшти Финансиската полиција.




