Илјадници Албанци протестираа во центарот на Тирана против планираната изградба на луксузен туристички комплекс на јадранскиот брег , кој го гради инвестициска компанија поврзана со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, објави Ројтерс.
Проектот вреден 1,4 милијарди евра го развива инвестициската компанија на Кушнер, „Афинити партнерс“, и вклучува изградба на островот Сазан, како и на неразвиен дел од брегот во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта во близина на градот Валона.
Групите за заштита на природата се спротивставуваат на проектот, тврдејќи дека тој ќе влијае на стотици хектари недопрени плажи и чувствителни екосистеми . Областа вклучува мочуришта кои се дом на фламинга, фоки и морски желки.
Демонстрантите се собраа пред зградата на албанскиот премиер Еди Рама, носејќи надувувачки фигури од фламинго и постери со натписи „Нацијата не е на продажба“ и „Не сакам Албанија да стане како Дубаи“.
„Сакаме изградбата да се запре и тешката механизација да се отстрани од заштитеното подрачје“, рече екологот Јони Ворпси од организацијата PPNEA-BirdLife Albania. Тој рече дека проектот предвидува околу 10.000 хотелски соби и дека неповратно ќе го промени изгледот на подрачјето.
Претставниците на инвеститорите ги отфрлија критиките. Претседателот на „Сазан риел естејт дивелопмент ЛЛЦ“, Ашер Абешера, изјави дека проектот ќе се спроведува во согласност со еколошките барања и со фокус на создавање работни места и долгорочни придобивки за локалните заедници.
Од своја страна, Рама ја бранеше инвестицијата и нагласи дека Албанија мора да остане отворена за странски инвеститори.
„Апсолутно нема шанси оваа инвестиција да биде запрена додека сум на оваа позиција“, рече албанскиот премиер.
Ги распали протестите: Иванка Трамп вели дека албанскиот остров Сезани е приватен
Незадоволството од проектот се засили откако градежните компании поставија бодликави огради околу локацијата во областа Звернец во близина на Валона. Во текот на викендот, неколку стотици луѓе протестираа на лице место, што доведе до судири со приватното обезбедување, во кои некои беа повредени.
Кушнер ги објави своите инвестициски планови за Албанија во 2024 година како дел од поширока стратегија за инвестиции на Балканот. Таа, исто така, вклучуваше проект за реконструкција на поранешниот штаб на армијата во Белград , кој инвеститорите подоцна го напуштија по масовните јавни протести.




